foto

Биљана Мирчевска-Бошева

Биљана Мирчевска-Бошева во 2002 година дипломирала на студиската група за руски јазик и книжевност, а во 2005 година на групата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Во 2008 година го одбранила магистерскиот труд под наслов „Фраземи со значење време во македонскиот и во рускиот јазик”, 13 јуни 2012 докторирала на тема „Фразеосемантичко поле чувства и емоции во рускиот и во македонскиот јазик“ и се стекнала со звањето доктор на филолошки науки.

Во перидот од 2003-2008 година работи како асистент-истражувач во МАНУ во Одделението на лингвистика и литературна наука. Својот професионален ангажман на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ го започнува во 2003 како демонстратор,  во 2006 година е избрана за помлад асистент, во 2010 за асистент, во 2012 за доцент, во 2017 за вонреден професор и во 2022 за редовен професор.

Држи предавања по Граматиката на рускиот јазик и Контрастивна анализа на рускиот и на македонскиот јазик на прв циклус, Словенска фразеологија и Споредбена анализа на рускиот и на македонскиот јазик на втор циклус студии и Непреводливото во преводот на трет циклус студии.

Покрај ангажманот на матичната катедра гостувала со предавања на Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“ (2019), на Гдањскиот универзитет (2021), Универзитетот Комениус во Братислава (2023).

Од 2015 до 2020 година раководител е на Катедрата за славистика, а од 2020 директор на Рускиот центар при УКИМ.

Како коистражувач и главен истражувач вклучена е во повеќе меѓународни проекти, а резултатите од своите истражувања ги презентирала и објавила во Русија, Чешка, Словачка, Австрија, Србија, Хрватска, Словенија. Како национален експерт, консултант, член на стручен тим проф. Мирчевска-Бошева имала ангажмани и соработка со институции и меѓународни организации како БРО, УНДП, ОБСЕ, фондацијата Россотрудничество и др.

Член е на редакцискиот одбор на списанијата: Вестник МГУ. Серия Филология (Московский государственный универыитет имени М.В.Ломоносова, Россия), Евразийский гуманитарный журнал (Пермский государственный национальный исследовательский университет, Россия), Славистика (Славистичко друштво Србије), Славистички студии (Фололошки факултет „Блаже Конески“), претседател и член на организациони одбори на меѓународни конференции, координатор на обуки за наставници по руски јазик и др.