emil

Емил Ниами

Емил Ниами е роден во 1977 година во Скопје. Во 1999 година дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје на групите за Руски јазик и книжевност и Американски студии. По завршувањето на студиите работи во А1 телевизија и во дневниот весник „Време“ на различни позиции. Во 2007 година ја одбранил магистерската дисертација „Паронимите во македонскиот во споредба со рускиот јазик“. Истата година заминува како лектор по македонски јазик на Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“. Во 2010 година ја брани докторската теза „Антонимите во рускиот во споредба со македонскиот јазик“. Од 2015 година работи во Рускиот центар при УКИМ. Се јавува како преведувач на голем број дела од уметничката литература, но и на публицистика. Автор е на голем број научни и научно-популарни трудови објавени во земјава и во странство. Негово поле на интерес се лексикологијата, лексикографијата, традуктологијата и социолингвистиката. Емил Ниами е автор на Речник на антонимите во македонскиот јазик и на првиот Речник на паронимите во македонскиот јазик.