Книгата „Русизмите во македонскиот јазик“ од авторката Нина Чундева има интересна историја. Всушност, се работи за докторска дисертација, која професор Чундева во 1980 година ја одбранила на тогашниот Филолошки факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, под менторство на професорот и академик Блаже Конески. По нејзината одбрана, дисертацијата останува заборавена на полиците во библиотеките, а пристап до неа имаат само мал број лица што се интересирале за оваа проблематика. Пред неколку години, кога професорката Чундева го одбележуваше својот 80-годишен јубилеј, неколкумина нејзини колеги се согласија дека оваа докторска дисертација треба да стане достапна до целокупната стручна и научна јавност и дека со неа би можеле да се користат и студентите македонисти и русисти, како и сите оние што се заинтересирани за македонската лексикологија. Едногласно беше донесен став дека е потребно дисертацијата што поскоро да биде отпечатена и да стане достапна за јавноста.

Она по што е единствена оваа книга е фактот што авторката пред себе си поставила мошне обемна и сериозна задача за процесот на оформувањето на македонскиот литературен јазик и местото и улогата на рускиот јазик во тој процес. Авторката врши историско проучување на русизмите во македонскиот јазик, започнувајќи од деветнаесеттиот век, односно Јордан Хаџи Константинов – Џинот, па сè до педесеттите, шеесеттите и седумдесеттите години од дваесеттиот век. Во работата таа препрочитува колосален број литература, од која врши ексцерпција на материјалот. Притоа, авторката се потпира на етимологијата на зборот, на каналите преку кои е прифатен во македонскиот јазик, неговото значење, кое во голем број случаи се разликува од значењето што соодветната лексема го има во рускиот јазик и ја разгледува контекстуалната функција на зборот кај соодветниот автор. Покрај ваквата анализа, професорката Нина Чундева дава голем теоретски придонес како кон позајмувањата и причините за нив така и кон процесот на навлегување на русизмит во македонскиот јазик и нивната транскрипција.

 Сигурни сме дека со објавувањето на оваа книга, иако со задоцнување од речиси четириесет години, ќе се даде голем придонес кон македонската лексикологија и дека таа ќе стане интересно четиво не само за лингвистите ами и за преведувачите, публицистите и сите оние што се занимаваат со македонскиот и со рускиот јазик.