Библиотеката на Рускиот центар при УКИМ започна да се оформува со неговото отворање во 2016 година. На читателите на располагање им стојат огромен број учебни помагала, речници, стручна и научна литература, белетристика, како и голем број
книги поврзани со историјата, културата и традициите на Русија.

Во нашата библиотека исто така можат да се најдат и голем број албуми, монографии, а поседуваме и голем број играни и документарни филмови. Кај нас може да се најдат класиците на советската и на руската кинематографија, документарни филмови посветени на руските градови, на руската култура, како и на руската историја.

Гордост на библиотеката се изданијата за деца. Поседуваме голем број учебници за деца како за руски јазик, така и за други области, интерактивни помагала, прирачници за изучување на рускиот јазик преку игри, а исто така и белетристика за деца.

Истовремено библиотеката постојано се пополнува со нови издание, кои ги донираат како институции од Руската Федерација, така и приватни лица од земјава, но и од соседството. Преку донациите Рускиот центар при УКИМ иако е млада институција
својот библиотечен фонд го пополнува и со постари изданија кои денес е реткост да се најдат во продажба.

Рускиот центар при УКИМ за сите заинтересирани овозможува пристап до електронска базата на податоци на електронско-образовниот ресурс „Русский язык как иностранный“ (https://ros-edu.ru/). На платформата можете да најдете: повеќе од 1.500 изданија, повеќе од 2.000 аудио- и видеоматеријали, повеќе од 500 тестови, методски разработки на наставни содржини  и многу други нешта.