Леонид Гајдај и неговите комедии
По повод 100-годишнината од раѓањето на познатиот филмски режисер Леонид Гајдај на 3 февруари 2023 година во Рускиот центар се одржа предавање под наслов „Леонид Гајдај и неговите комедии“.
Леонид Гајдај е роден во 1923 година на Далечниот Исток бидејќи неговиот татко бил осуден и испратен на изградба на Амурската железничка магистрала. Подоцна семејството се преселило во Иркутск. Малиот Леонид, иден режисер, уште од детството бил заинтересиран за жанрот комедија.
Првиот голем успех Гајдај го постигнал со краткометражниот филм „Кучето Барбос и необичниот крст“ во 1961 година, кој дури бил номиниран за награда на Канскиот филмски фестивал. Слава во целиот Советскиот Сојуз му донесе комедијата „Операцијата „И“ и другите авантури на Шурик“ (1965), која стана лидер на благајните на советските кино-театри. Главниот лик, малку прост, но искрен и принципиелен студент Шурик, стана вистински миленик на публиката. По невидениот успех, беше снимено и продолжението „Кавкаска заробеничка“ или „Новите авантури на Шурик“ (1967), кое исто така постигнало огромен успех во кината.