Доделување сертификати на курсистите што успешно го положија испитот по руски јазик
Успешно завршена уште една академска година во Рускиот центар при УКИМ
На 11 јули 2023 година во просториите на Рускиот центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се одржа свечено врачување на сертификатите на курсистите што го изучуваат рускиот јазик во овој центар. На присутните со свои пригодни обраќања им се обратија ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Никола Јанкуловски, амбасадорот на Руската Федерација во Р. С. Македонија, Н.Е. Сергеј Александрович Баздникин и директорката на Рускиот центар при УКИМ, проф. д-р Биљана Мирчевска-Бошева.
„Основната задача на Рускиот центар при УКИМ е да ја помогне меѓууниверзитетската соработка помеѓу двете земји и да ги зајакне врските на полето на науката и високообразовната дејност. Но, покрај ова задача, во изминативе години овој центар стана широко препознатлив како место кое на студентите, на академскиот кадар и на граѓаните на земјава им нуди можност поблиску да се запознаат со рускиот јазик, литература, култура и историја; да учествуваат во дебати, конкурси, работилници; да присуствуваат на проекции на документарни и играни филмови; да имаат пристап до руската стручна литература или белетристика во просториите на Центарот, но и во руските електронски бази до кои има пристап Рускиот центар; да дознаваат интересни факти преку секојдневните објави на страницата на Рускиот центар на социјалните мрежи. Меѓу сите активности, најголема најмасовност имаат курсевите за изучување на рускиот јазик која Рускиот центар ја нуди веќе 7 години и која досега ја искористиле илјадници заинтересирани“ – истакна, меѓу другото, ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски.
Во академската 2022/23 година Рускиот центар при УКИМ по седми пат распиша конкурс за курсеви по руски јазик. За заинтересираноста за курсевите зборува фактот дека како и во изминатите години, така и овој пат, бројот на пријавени кандидати беше далеку поголем од бројот на слободни места. Со оглед на тоа што Рускиот центар при УКИМ отсекогаш бил отворен за сите заинтересирани за стекнување знаења, се вложија дополнителни напори и беа создадени услови да се прифатат сите пријавени на конкурсот.
Наставата и оваа година беше организирана на далечина што овозможи рускиот јазик да го изучуваат заинтересираните и од другите градови од земјава, а со тоа се прошири и географијата на наставата по руски јазик на Рускиот центар при УКИМ. Така, годинава наставата ја следеа вкупно 426 курсисти, со што бројот на курсисти што следеле настава во Рускиот центар во текот на овие седум години достигна околу 4 илјади луѓе.
Во таа насока амбасадарот Баздникин истакна дека „посебно радува фактот дека рускиот јазик останува баран кај македонските граѓани и наспроти невидените обиди за таканаречено „откажување“ на руската култура во низа земји. Убеден сум дека ова е уште една потврда за силата на вековното пријателство и меѓусебно почитување меѓу народите на нашите две земји, повеќеслојни културни, духовни и историски врски. Токму овие врски ќе ни помогнат да ги обновиме односите кога ќе се појават соодветни услови за тоа“.
Значајно е да се напомне дека оваа година за прв пат се доделија сертификати и за кандидатите што го завршија седмиот степен, т.е. седма година по ред го изучуваат рускиот јазик. Ова јасно зборува за тоа дека курсевите не само што предизивикуваат голема заинтересираност секоја година, туку зборува и за континуитетот на тој интерес. Несебичното вложување и стручност на ангажираните наставници, изборот на најсоодветна програмата и вложениот труд и време од страна на курсистите резултира со постигнување солидно ниво на познавање на рускиот јазик кај голем број кандидати.
Директорката на Рускиот центар, проф. д-р Биљана Мирчевска-Бошева, им се заблагодари на ректорот проф. д-р Јанкуловски, на амбасадорот Баздникин и на ЛУКОИЛ Македонија за континуираната поддршка на активностите на Рускиот центар, како и на соработниците: Елена Обухова, Дарко Несторов, Наталија Милчовска и Марија Смирнова за посветеноста и компетентноста со кои значајно придонесуваат курсистите да постигнат максимални резултати во предвидениот период.
По пригодните обраќања, ректорот Јанкуловски и амбасадорот Баздникин им ги врачија сертификатите за стекнатите компетенции на присутните курсисти. Особено радува што на оваа завршна свеченост, курсистите го искажаа своето задоволство од наставата и знаењата стекнати во Рускиот центар и ја истакнаа својата решеност да продолжат да ги продлабочуваат своите познавања од областа на рускиот јазик, литература и култура.