Денови на руски јазик и култура
Рускиот центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во периодот од 22 до 29 септември го реализираше централниот дел од манифестацијата „Денови на руски јазик и култура“ во рамки на кој беа реализирани настани од различен карактер.
Свеченото отворање на „Деновите на руски јазик и култура“ се одржа на 22 септември во Музејот на македонската борба во Скопје. На настанот зедоа учество министерот за култура на Република Северна Македонија д-р Ирена Стефоска, ректорот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ проф. д-р Никола Јанкуловски, амбасадорот на Руската Федерација во Република Северна Македонија Сергеј Баздникин кои на присустните гости им се обратија со поздравни говори.
Министерот за култура Ирена Стефoска зборуваше за значењето на долготрајната креативна поврзаност меѓу двете земји, истакнувајќи дека „македонско-руската соработка е видлива како низ институционални форми во културата, така и во индивидуални контакти на уметниците од двете земји“. Ректорот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ проф. д-р Никола Јанкуловски „Деновите на руски јазик и култура“ ги нарече „уште еден мост на соработка меѓу двете пријателски земји“ и додаде дека со оваа манифестација „Рускиот центар при УКИМ симболично го прославува својот прв јубилеј – 5 години од своето постоење“. Амбасадорот Сергеј Баздникин потенцираше дека „токму културата што ја воспитува во нас желбата за морално и етичко усовршување, придонесува за создавање атмосфера на доверба и меѓусебно разбирање…“.
По поздравните обраќања започна концерт на руска класична музика на кој можеа да се чујат дела на великаните на руската класична музика С.В.Рахманинов, П.И.Чајковски, Д.Д.Шостакович во изведба на гудачкиот квартет „Филхармонија“ составен од извонредни македонски музичари Бојан Илковски, Бојан Талевски, Марија Михајловска, а предводен од првиот концерт-мајстор на Симфонискиот оркестар на Филхармонија, истакнатата виолинистка Анна Кондратенко. Концертот беше придружуван од пијанистката Марија Вршкова.
За сите заинтересирани кои поради ограничувањата и протоколите за организација на настани во пандемија не можеа да присуствуваат, Рускиот центар го емитуваше настанот во живо на својата страница на социјалната мрежа Facebook.
Наредниот ден, на 23 септември, за љубителите на современиот руски филм во Кинотека на Северна Македонија се одржа проекција на филмот „Црвениот призрак“. Пред да започне филмот, преку видеозапис на гледачите им се обрати режисерот на филмот Андреј Богатирјов. Тој ja раскажа историјата на создавањето на филмот кој се создавал цели 7 години. Летото 2021 година филмот почнал да се прикажува во кината во Русија. На светско ниво се очекува филмот да се прикажува зимата 20212/2022 така што македонските гледачи во рамките на оваа манифестација добија можност да се запознаат со филмот пред тој да им стане достапен на гледачите во светот.
На третиот ден од манифестацијата, во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, се одржа квиз под наслов „Колку добро ја познавате Русија“. Учесниците на квизот одговараа на прашања од руска историја, географија, култура, спорт и сл. На крајот од настанот беше избран победничкиот тим – најдобрите познавачи на Русија, а сите учесници добија ваучери за награди со руска симболика.
Во траење од два дена, на 27-28 септември, се одржа III Меѓународна конференција „Руски јазик, литература и култура: минато, сегашно, иднина“. Во овој настан кој се одржуваше во хибридна форма учество зедоа 60 учесници од 10 држави: Босна и Херцеговина, Казахстан, Киргистан, Летонија, Македонија, Полска, Русија, Словачка, Србија и Унгарија.
На свеченото отворање на конференцијата беа присутни ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски и амбасадорот на Руската Федерација во Република Северна Македонија Сергеј Баздникин. Ректорот Јанкуловски во своето обраќање кон учесниците истакна дека „оваа меѓународна конференција е совршена платформа за дијалог и размена на знаења и искуства за актуелни теми од областа на русистиката и промовирањето нови идеи не само за научниците од Русија и С.Македонија, но и од други земји“. Амбасадорот Баздникин го истакна значењето на Рускиот центар при УКИМ за популаризациајта на рускиот јазик и култура во Македонија, нарекувајќи го „најважна карика“ во развојот на билатералната културна и хуманитарна соработка меѓу двете земји.
Директорот на Рускиот центар, проф. д-р Мирчевска-Бошева, се задржа на фактот дека оваа конференција се одржува во година кога се одбележуваат важни јубилеи за културните, историските и духовните врски меѓу Русија и Република Северна Македонија: 100 години од почетоците на славистиката во Македонија имајќи предвид дека во 1920/21 година на Филозофскиот факултет во Скопје основан од Владата и Министерството за просвета на Кралството СХС, Степан Михајлович Куљбакин, еден од најистакнатите слависти во тоа време, ги одржал своите први предавања за студентите на историско-филолошкиот отсек и скромниот јубилеј – 5 години од постоењето на Рускиот центар при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“
Посебно внимание на конференцијата беше посветено на 200-годишнината од раѓањто на големиот руски писател Фјодор Михајлович Достоевски. Во рамки на конференцијата беше организирана специјална секција за неговото творештво и неговото влијание на современата литература и култура во Русија и во светот.
Освен секциајта за Достоевски, се одржаа и секциите за: лингвистика, методика на наставата по руски јазик, литература, превод и култура. Исто така, на конференцијата беа промовирани зборниците од претходните две меѓународни конференции одржани од страна на Рускиот центар при УКИМ.
На 29 септември во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје се одржа отворена трибина „Руската литература во превод на македонски јазик“. Во дискусијата своето искуство го споделија главните уредници на три издавачки куќи: Нове Цветановски од „Македоника литера“, Жарко Кујунџиски од „Антолог“ и Филип Димевски од „Бегемот“, а модератор на настанот беше Андреј Јованчевски. Дискусијата беше насочена кон прашањата за тоа кој тип литература се преведува и кои автори се застапени во нивните издавачки програми. Во контекстот на актуелните проблеми со кои се соочуваат издавачите во Македонија се истакна важната улога на поддршката на различни институции и фондациии како од Македонија, така и од Русија. Посебно внимание се посвети на тоа дека рускиот јазик многу често се јавува не само како јазик на оригиналниот текст, туку и како јазик-посредник за преводи на литература на јазици за кои е многу тешко или скоро невозможно да се најде преведувач на македонски. Така, например, македонските читатели добија можност да се запознаат со некои дела од кинеската и балтичката литература токму преку преводите од руски јазик. Во текот на вечерта се разговараше и за руската детска литертура која е многу слабо застапена во македонската издавачка дејност. Издавачите изразија интерес да се запознаат со таа литература и да ја разгледаат потенцијалната можност во иднина да ги израдуваат малите македонски читатели со наслови од руски автори. Оваа трибина беше последен настан во основната програма на манифестацијата „Денови за руски јазик и култура“.
Следната етапа од овој проект вклучува посета на училиштата во кои се изучува рускиот јазик и подарување на 450 книги од руски автори во превод на македонски јазик.
Деновите на руски јазик и култура се одржува на иницијатива на Рускиот центар при УКИМ со поддршка од Фондацијата „Руски мир”, Амбасадата на Руската Федерација во Р.С. Македонија и компанијата „Лукоил Македонија”.
Основната програма на манифестацијата беше медиумски широко покриен. Во оваа пригода ги извојуваме следниве објави:
http://kultura.gov.mk/mnogubrojni-sodrzini-na-manifestacijata-denovi-na-ruskiot-jazik-i-kultura/
Многубројни содржини на манифестацијата „Денови на рускиот јазик и култура“
Денови на руски јазик и култура во Скопје од 22 септември до 30 октомври
Објавена програмата од УКИМ по повод денови на рускиот јазик и култура
Со концерт на руска класична музика почнуваат Деновите на руски јазик и култура
Од 22 септември до 30 октомври: Денови на руски јазик и култура во Скопје
Денови на руски јазик и култура во Македонија
Отворени „Деновите на руски јазик и култура“, вечерва проекција на филмот „Црвениот призрак“
Деновите на руски јазик и култура
Од вечерва почнуваат Деновите на руски јазик и култура во Македонија
Почнуваат Деновите на руски јазик и култура, вечерва концерт на класична музика
Почнуваат Деновите на руски јазик и култура во Македонија
Денови на руски јазик и култура во Македонија
Дни русского языка и культуры открылись в Северной Македонии