Масленица
Рускиот центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Катедрата за славистика при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на 25.02.2023 година организираа настан по повод празникот Масленица. На настанот присуствуваа ученици што го учат рускиот јазик во училиштето за странски јазици „Албион“ од Куманово, нивните родители, студенти на Катедрата за славистика и други гости.
На почетокот сите присутни можеа да дознаат повеќе за традициите и обичаите поврзани со овој празник преку интересна презентација за Масленица. За руските традиции кои постоеле во старите времиња и кои се зачувани до денес на присутните им раскажа Наталија Милчовска, соработник на Рускиот центар.
По презентацијата, присутните учествуваа во квизот „Знатоки Масленицы“, при што покажаа одлично познавање на руските традиции.
Потоа учениците од училиштето „Албион“ покажаа одлично владеење на рускиот јазик претставувајќи се со извадоци од делата на А.П. Чехов, А.С.Пушкин, С.А. Есенин и други.
Во продолжение на настанот учесниците беа поделени во две групи. За помладите ученици беше организирана интересна работилница за изработка на кукла од слама, еден од симболите на празникот Масленица. Децата можеа со свои раце да ја направат куклата и да ја понесат со себе за спомен. Потоа научија како да ја играат старата руска игра наречена „Ручеек“.
За постарите ученици, професорите на Катедрата за славистика организираа кратка обиколка на факултетот, им ја покажаа библиотеката на Катедрата и раскажаа за наставните програми што се нудат.
На крајот на сите учесници им беа доделени сертификати за активно учество на настанот посветен на Масленица, како и подароци. Настанот заврши со дегустација на палачинки подготвени од организаторите на оваа средба.