Тркалезна маса под наслов „Конески – мостот што ги поврзува македонските и руските слависти“
На иницијатива на Рускиот центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура денес на платформата Зум се одржа тркалезна маса под наслов „Конески – мостот што ги поврзува македонските и руските слависти“.
„Со денешната тркалезната маса се испишува уште една страница од меѓууниверзитетската соработка во сферата на јазикот, литературата и културата во која долги години вложуваат интелектуален капитал Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и партнерските универзитети од Руската Федерација. Плодната и многустрана соработка на славистичките кадри при филолошките факултети во Руската федерација и УКИМ во Скопје во последните години добива дополнителен импулс преку Рускиот центар при УКИМ кој посветено работи на популаризација на рускиот јазик, наука и култура. Во 2021 година, одбележуваме 100 години од раѓањето, 75 години од формирањето на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и ги заокружуваме првите 5 години од постоењето на Рускиот центар во Скопје“ истакна Биљана Мирчевска-Бошева, директор на Рускиот центар при УКИМ и модератор на настанот.
На тркалезната маса се обрати и ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски кој посочи дека „По зимската школа организирана од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура која се одржа на почетокот од оваа година, со оваа тркалезна маса Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ го продолжува учеството во достоинственото чествување на ликот и делото на оваа стожерна личност.
Се разбира, ова е најмалку што можеме да сториме за да ја одбележиме значајната улога и непроценливото влијание на Конески во развојот на нашиот Универзитет исполнувајќи ги своите должности како: професор, декан, ректор и почесен доктор, прв претседател на Македонската академија на науките и уметностите, основач на Институтот за македонски јазик и многу други.“
Рускиот амбасадор во земјава, Н. Е. Сергеј Баздникин истакна дека секој од учесниците на денешниот настан е неделиво парче од мостот споменат во насловот на тркалезната маса и во поширока смисла дел од опширното пространство на славистиката која претставува цврста потпора на фундаментот на пријателските односи меѓу нашите земји. Тој нагласи дека „руската наука безусловно го признава македонскиот јазик како самостоен и автентичен. Од 1975 година на Државниот универзитет Ломоносов во Мосва се спроведува обука на македонисти која долги години ја водеше легендарната Рина Павловна Усикова, патем, ученичка на Блаже Конески“.
Поради здравствени причини проф. д-р Анета Дучевска, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ не можеше да учествува на настанот, но испрати порака со која ги поздрави присутните: „Во оваа значајна и јубилејна година се одбележува квалитетна соработка и активности на планот на русистиката. Како водечка гранка на славистиката, таа е важен сегмет во филолошките проучувања на нашиот факултет и останува приоритна област во идните развојни стратегии“.
Од името Филолошкиот факултет при Московскиот државен универзитет Ломоносов присутните ги поздрави и деканот Андреј Александрович Липгарт. Тој истакна дека во Русија Конески е добро познат како поет и преведувач, истакнат лингвист, автор на граматиката и речникот на македонскиот јазик и дека плодотворната соработката на Блаже Конески со Рина Павловна Усикова имала големо значење за формирањето на македонистиката во универзитетите во Русија.
За руските мотиви и влијанието на руските поети во творештвото на Конески зборуваа акад. Ала Шешкен и проф. д-р Елена Верижникова од Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов“ и проф. д-р Кристина Николовска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Акад. Шешкен се задржа за важноста на руската литературна класика од 19. и 20. век за творештвото на Конески која се забележува и во неговите преводи на Брјусов, Пушкин, Мајаковски, Окуџава, Блок и др. руски автори.
Елена Верижникова ги претстави портретите на Русите кои ги наоѓаме во делата на Конески. Имено, со својата геијалност Конески им ја подарува вечноста на Владимир Мошин во „Успение на Владимир Мошин“, на Владимир Владимирович Будчик во „Средба во рајот“ и на игумен Виталиј во „Тихиот Дон“.
Љубопитството на проф. Кристина Николовска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ е насочено кон великаните Конески и Блок.
„А Конески и Блок – сега и секогаш – е перспектива отворена, можна, остварлива, колку што раскошно звучи Конески на руски јазик, и колку што химнично „одѕвонува“ поезијата на Блок – на македонски јазик“ истакна Николовска во своето обраќање.
Проф. Пандев од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ се задржа на службените престои на Конески во Москва, а проф. Каранфиловски се осврна на стратешкото размислување и дејствување на Конески во поставувањето на темелите на македонистиката во Русија преку отворањето на лекторатот во Московскиот државен универзитет „Ломоносов“ кој претставува исклучително важен центар од кој досега излегле 50тина македонисти.
Весна Мојсова-Чепишевска се осврнува на влогот на Конески во покренувањето и обмислувањето на Семинарот за македонски јазик и неговиот искрен и пријателски однос кој лежи во основата на воспоставувањето на контактите со странските слависти.
Македонистиката и славистиката на универзитетите во Русија е во фокусот на интересот во излагањата на проф. д-р Елена Иванова и проф. д-р Зоја Шанова од Филолошки факултет при Санктпетербуршкиот државен универзитет и на Ирина Аржанова од Воронешкиот унивеврзитет.
Настанот е дел од Програмата на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“ која се одвива под покровителство на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, Министерството за култура во соработка со Министерството за образование и наука на РСМ.