III Меѓународна конференција „Руски јазик, литература и култура: минато, сегашно, иднина“
Во траење од два дена, на 27-28 септември, се одржа III Меѓународна конференција „Руски јазик, литература и култура: минато, сегашно, иднина“. Во овој настан кој се одржуваше во хибридна форма учество зедоа 60 учесници од 10 држави: Босна и Херцеговина, Казахстан, Киргистан, Летонија, Македонија, Полска, Русија, Словачка, Србија и Унгарија.
На свеченото отворање на конференцијата беа присутни ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски и амбасадорот на Руската Федерација во Република Северна Македонија Сергеј Баздникин. Ректорот Јанкуловски во своето обраќање кон учесниците истакна дека „оваа меѓународна конференција е совршена платформа за дијалог и размена на знаења и искуства за актуелни теми од областа на русистиката и промовирањето нови идеи не само за научниците од Русија и С.Македонија, но и од други земји“. Амбасадорот Баздникин го истакна значењето на Рускиот центар при УКИМ за популаризациајта на рускиот јазик и култура во Македонија, нарекувајќи го „најважна карика“ во развојот на билатералната културна и хуманитарна соработка меѓу двете земји.
Директорот на Рускиот центар, проф. д-р Мирчевска-Бошева, се задржа на фактот дека оваа конференција се одржува во година кога се одбележуваат важни јубилеи за културните, историските и духовните врски меѓу Русија и Република Северна Македонија: 100 години од почетоците на славистиката во Македонија имајќи предвид дека во 1920/21 година на Филозофскиот факултет во Скопје основан од Владата и Министерството за просвета на Кралството СХС, Степан Михајлович Куљбакин, еден од најистакнатите слависти во тоа време, ги одржал своите први предавања за студентите на историско-филолошкиот отсек и скромниот јубилеј – 5 години од постоењето на Рускиот центар при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“
Посебно внимание на конференцијата беше посветено на 200-годишнината од раѓањто на големиот руски писател Фјодор Михајлович Достоевски. Во рамки на конференцијата беше организирана специјална секција за неговото творештво и неговото влијание на современата литература и култура во Русија и во светот.
Освен секциајта за Достоевски, се одржаа и секциите за: лингвистика, методика на наставата по руски јазик, литература, превод и култура. Исто така, на конференцијата беа промовирани зборниците од претходните две меѓународни конференции одржани од страна на Рускиот центар при УКИМ.