Психологија на Византиската икона низ делата на Руските зографи
„Психологија на Византиската икона низ делата на Руските зографи“ е предавање кое во мали призраци ја открива суштината на византиската икона; што ја одделува иконата како посебна од уметничките дела, процесот на создавање, символите проткаени во неа, како и анализа на иконата Света Троица.
Византиската икона пред сѐ е теологија. Православниот иконопис се покажува како органски дел на Преданието. Нарушувањето на каноните на иконописот доведува до заменување на духовните доживувања со душевни, естетски, емоционално-чувствени итн.; или ја претвора иконата во средство за информации т.е. илустрација на библискиот текст; или уште поопасно е тоа што придонесува за лажна мистика, деформација и искривување во созерцанието на духовниот свет.
Во иконописот духовниот импулс дејствува не само низ иконописецот, но и во единство со него, низ јасноста на интелектот, предаденоста на волјата и одухотворувањето на чувствата.
Иконата е воплотување на духовно созерцание, кое што се дава во мистичен опит, во состојба на богоопштење, но созерцание предадено и објективизирано преку знаковиот јазик на линии и бои. Иконата , тоа е богословска книга, напишана со четкички и бои. Во неа се изобразени две сфери – небесната и земната – кои се даваат не по принципот на паралелизам, туку по принципот на симетрија.
Православната икона, бидејќи е реален и објективен символ, како духовен стожер ги обединува членовите на земната Црква меѓу себе во едно догматско сознание и во општо мистично доживување.
Ова предавање го одржа Монахиња Ана Паноска од МПЦ ОА во Рускиот центар при УКИМ.